5/25/2012

Матеј Бор (1913 - 1993)


Матеј Бор е псевдоним на словенечкиот поет Владимир Павшич. Роден во 1913 година кај Горица, умрел во септември 1993 година. Учесник е во Народноослободителната војна како партизан. По војната работи во областа на драматургија и кинематографија.



ПАРТИЗАН

Од дома кога појдам
в торба не тискај го
лебон 'рженион,
од дома кога појдам
в раце не стискај го
крстон дрвенион.

Од дома кога појдам
в чаша не точи ми
вино шумоглаво,
од дома кога појдам
солзо, не дрочи ми
цвеќе вироглаво.

Од дома кога појдам
сал поглед чист да пали 
низ мракот магловит,
од дома кога појдам
в срце само ми налиј
од гневот мразовит!

 (препев: Гане Тодоровски)



 КРВ ВО ПЛАМЕН

Грабајте, пустошете, господари,
низ сета земја
бесилките распнете ги!
По илјада лета во нас зовре крвта
и бунтот глава крена!

Низ горите кога луњите вијат,
за коренот дрвјето се свестуваат свој,
затоа што денес од земи не корнете, варвари,
корењата наши до пеколот досегнаа.
Тие што вчера ги мамевте уште,
ви стрелаат денес и в лице и в грб,
Благодариме,
не научивте да мразиме,
на крвта и духот повикот да го чуеме!

Мали сме,
но мали има многу!
Раздробената Европа затрепери цела
од Сицилија до Урал, 
од Исланд до Кавкаските гори!
Од душата своја ќе ве исплука сите вас,
варварски џган!

Беснејте по континентов,
моторизирани орди,
грабај и коли, моторизиран Џингискан,
та крвта не е бензин,
никогаш не ќе снема крв,
тупаниците се посилни од челикот,
тенкот од бомбите,
и духот е екразит,
слободата придушен оркан!

Под улицата, по касарните,
од мракот на шумите и катакомбите
ќе избувне бунтот!
Човекот ќе го завладее светот,
не злосторот, челикот, механизираната смрт.

(препев: Томе Арсовски)



СРЕДБА
(напишана по пренесувањето на останките на неговата прва жена 
Ерна Јамерова - Нина, убиена во 1943 во партизани)
Во есенска вечерна шир,
во честак кршки темен,
од чудни гости беше земен
твојот мир.

Го зедовме под мовта скрито
тоа што не испила земјата
по толку долгото време
откако тука си ти.

Зедовме што во ноќ зимска од глад
изумиле лисиците дури,
низ метеж што те носеа штури
во гладен заб.

Го спуштив на вресот жив
черепот удрен твој, скршен
и долго го гледав вџашен
и нем и тих.

Каде се јасни ти очи,
каде на усните опој?
Ме горат сал в ужасен спокој
две јами во ноќта.

Кај си? Не, ова не си ти.
Очи ти горат в мене,
ни смртта не ќе те земе - 
во мене ти се скри.

Тука си: става и глас,
до мене кротко се впиваш
кога и бурата дива
вие во ноќен час,

кога сам со себе спорам,
заскитан в улици слепи,
на тебе потпрен, ме крепиш
ко в дамни дни.

Лага од длапките зјае,
не гледам во нив - земјо,
черепот земи го, а мене
споменот дај ми го сал.

Дојди ми, сакана, ноќва,
те вика месечина - свила,
те вика споменот, мила,
те вика милиот твој.

(препев: Томе Арсовски)


No comments:

Post a Comment