5/22/2012

Ацо Караманов (1927 - 1944)

Александар (Ацо) Караманов е роден на 31.01.1927-ма во Радовиш. Уште како дете на 12 години голем дел од времето го поминува во читање и започнува да се дружи со светската литература.
Созрева предвреме благодарение на војната, но не успева да ја дочека слободата, за која ја положува својата младост. Загинува како борец на Четвртата македонска бригада во битка кај месноста Петлец - Беровско, 1944 година. За својот 17-годишен живот зад себе има оставено извонредно поетско, револуционерно и идеолошко творештво. 



Деца на борбата

Во нашите раце железо се топи  
во градите срце челично бие
од одот земјата се стресува
како да сме ветар или бура ние.

А токму на широките плоштади
не чека таа со својот шум

впивајќи љубов во нашите гради
и нова верба во нашиот ум.

Нека не прегрнат копнежите големи
стапуваме со младешки жар

наместо со свеќи, со пушки бојни
окитен ќе биде нашиот олтар.

Во нашите раце железо се топи
во градите срце челично бие

со пушки, со рала и со раце голи
ќе ја урнеме бедата ние.



И можеби ти ќе дојдеш тогаш

И можеби ти ќе дојдеш тогаш
за последен пат на морскиот срт
немоќен и студен каде спијам
прераната да ја колнеш смрт. 

А моите усни насмевнати ќе бидат
и душата уште ќе живее велам
а очите верувај сами ќе видат
и пак со тебе се ќе делам. 

Ќе бидам буден тогаш верувај
дури ќе излезам од темниот гроб
повторно да ја запеам моќната песна
на црниот и побунетиот роб.
 
Од моите очи ќе капат капки дожд
земјата да ја напојат родна
та и мртов ќе мислам на тебе и неа
ти среќна да бидеш, таа плодна.




Поет

Јас сакам да станам поет-динамит,
поет на борбата
                       со рафал во душата,
устремен напред
                        кон утрешниот ден,
со душа прекалена во тешки борби
во кои само љубовта кон робот татни.

Јас сакам да станам поет на трудот
и зад барикадите,
                        со пролет во душата
да пеам развиорен
                         со пушка в раце.

И пламен, во злите утроби на бедата
да стане барут  на мојот стих
и виор бурен на моите мечти.

Јас сакам да станам поет-работник,
со песна груба
                         како плускавиците
на моите раце,
со моќен пламен на срцето.

Во него да пее великиот копнеж
и нашиот устрм
                          цврст како челик...
Јас сакам да станам поет-динамит,
со јарост во градите, со пролет во мечтите,
слбоден и силен и за борби жеден
буен,
          бестрашен,
                         со глас бојна – труба,
јас сакам да станам поет на трудот,
                         на песната груба.

Затоа те љубам само тебе
о бурна борбо, о вриежу силен;
во твоите пазуви нека ме погребат
мене, синот и поетот огнолик на трудот.

И на барикади моќни кога ќе стапнам
среде дожд куршуми,
                      среде јаросен дим,
под јаркото сонце
                           ќе пеам
                                     среќен!

И во мене денес љубов безмерна ечи
во бурната борба, во вриежот тој,
срцето денес нека ми биде пламен рафал
душата бура,
                       а рацете – меч.


No comments:

Post a Comment